На 9 ноември 2009 година за прв пат на скопскиот аеродром слетаа два авиони од типот АТ-802А Fire Boss кој ќе бидат во склоп на Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија. Република Македонија пред една година нарача три авиони од овој тип кои храбро ќе се борат во летните месеци со пожарите кои пустошат голем процент од шумите во Македонија.
Третиот авион се очекува да пристигне во Март 2010 година. Овие воздухоплови ќе ги управуваат искусни македонски посади кои ќе бидат пратени во Шпанија на обука. Ваквите воздухоплови покрај пожарите ќе можат да се искористат и за засејување, ѓубрење и прскање на засејаните површини, борба против штетниците во шумите и прскање против комарци. За прв пат овој тип на авиони полетал во САД во 1990 година и се покажал како многу ефикасен воздухоплов за гасење на пожар и од тогаш станува се по популарен. Авионот АТ-802А е едносед со еден турбо елисен мотор. Капацитет на канистерот за вода изнесува 800 галони (3000 литри). Интересно е тоа што може да полетува од писта но исто така без проблеми може да полетува и слетува од водена површина како што се нашите локални езера. Покрај Република Македонија на балканот авиони од ваков тип за борба против пожарите користат Република Хрватска, Република Црна Гора, а се очекува и Република Србија да набави вакви авиони.